Муслиу: Ни на сон не очекував вакво деби за Мол Фехевар!

Македонскиот репрезентативен стопер Висар Муслиу синоќа дебитираше на најубав начин за унгарски МОЛ Види, со гол во убедливата победа против Кисварда (3-0) и таман навреме да се врати во ритам пред утрешниот собир со репрезентацијата на Македонија за двете гостувања во овие евроквалификации, кај Израел и кај Летонија.

Муслиу, поранешниот фудбалер на Ренова и Вардар дојде летово после неуспешната европска авантура со Шкендија во Унгарија, во тимот каде веќе две години игра Бобан Николов, македонскиот репрезентативец и другар уште од младата селекција, па потоа и од Вардар. Муслиу за своето деби посочи дека не можел ни да сонува дека на ваков начин ќе ја почне својата авантура во Унгарија.

„Пресреќен сум за ова деби, на ваков начин, со победа за Мол Фехевар. Дебитирав, дадов гол и не можев ни да сонувам за поубаво деби. Уживав во секоја минута од мечоти верував дека ќе успееме да стигнеме до победата. Сакам оваа серија да продолжи, а сега ме чека предизвик со репрезентацијата на Македонија. Минатиот пат загубивме на два меча, па сега сакаме да го поправиме впечатокот со Израел и Летонија“, вели Муслиу после дебито.

Стоперот повеќе од сигурно е дека ќе биде еден од централните дефанзивци на селекторот Игор Ангеловски за мечевите со Израел и Летонија, заедно со Дарко Велковски и Егзон Бејтулаи.