Лион го сака Елмас, ама Фенербахче не сака да чуе за помалку од 23 милиони евра

Поранешниот француски шампион Лион е силно заинтересиран да го купи македoнскиот репрезентативец Елиф Елмас од турски Фенербахче, но понудата која стигнала во Истанбул била премала и експресно била одбиена.

Како што објавија турските медиуми, Лион понудил осум милиони евра и на таа понуда Турците само се изнасмеале, затоа што откупната клаузула на македонскиот бисер е 23 милиони евра, што тие и им ја потенцирале на Французите.

„Ставот е јасен, ако некој го сака Елмас може да го донесе само ако ја активира откупната клаузула од 23 милиони евра“, објавиле од турскиот гигант.

Иако преодниот рок во дел од европските земји не е завршен и трае до крајот на месецот, Фенербахче најавува дека Елмас најмалку ќе го задржи до крајот на сезонава. За младиот бисер веќе око му фрлија гиганти како Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Борусија Дортмунд, ПСВ Ајндховен, Фееноrд, Валенсија...

Елмас во Истанбул дојде од скопски Работнички минатото лето, а сега под палката на Филип Коку стана првотимец, па со своите настапи на стартот на сезоната ги воодушеви сите и не е изненадување големиот интерес што владее за младиот македонски репрезентативец.