Јаховиќ: Секој сака да биде најдобар стрелец, ама победите се многу поважни!

Поранешниот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ тргна феноменално во новата сезона во турската Суперлига откако летоска од Коњаспор се пресели во Малатија, па стигна до девет гола како прв стрелец во лигата, но во последниот период го нема на листата на стрелци.

Јаховиќ утре од 17 часот во Истанбул го очекува пресметка против еден од трите великани на турскиот фудбал, Бешикташ, со желба да ја прекине лошата серија од четири првенствени мечеви без постигнат гол, откако претходно стигна до девет и беше прв стрелец, ама сега уште тројца ривали го стигнаа на врвот на листата на голгетери – Норвежанецот Александер Сорлот од Трабзон, Косовецот Ведад Муриќи од Фенербахче и Сенегалецот Папсис Сисе од Аланија.

„Сон на секој фудбалер е да биде 'крал на стрелците', ама победите за мене се поважни“, вели Јаховиќ во израмнетата трка за најдобар голгетер во турската Суперлига во која пред две сезони беше трет најдобар стрелец како член на Гецтепе и Коњаспор во таа сезона 2017/18.

Пред Јаховиќ и Малатија е предизвикот наречен Бешикташ во Истанбул, на кој неговиот тим влегува со црна серија од пет меча без триумф, а македонскиот голгетер од четири дуели без даден гол.

„Мечевите со Бешикташ секогаш се многу тешки, тој меч во Истанбул е голем предизвик за сите нас. На последниот меч загубивме кај Сиваспор, па сега имаме желба да го изненадиме Бешикташ во Истанбул“, додава Јаховиќ.