„Ѓорѓиоски имаше лиценца со името Македонија, а ние Грците не признаваме таква држава!“

Експресно по рафалните напади на поранешниот тренер на Вардар и некогашен прв човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, на смета на грчкиот прволигаш Каламата, чија управа ја нарече аматерска, откако за отказот дознал од медиумите, реакција дојде и од составот од јужното соседство.

Грците се револтирани по изјавите на својот поранешен терен и најавија судска разврска, потенцирајќи дека главен проблем во односите била неговата УЕФА лиценца на која стоело името Македонија без додавката Северна според Преспанскиот договор.

„Покажаниот карактер и однесувањето на Ѓорѓиоски додека беше на клупата на нашиот тим, нѐ убеди дека тој не е вистинскиот човек за оваа позиција. Сам ги собра новинарите за да искаже работи кои не му доликуваат. А, не кажа дека пред месец ипол ја прекина комуникацијата со претседателот, кого не го информирал за случувањата во екипата. Кажа дека не му се допаѓале условите, но зошто тогаш ја презеде екипата откако беше запознаен со сите услови. Промената на неговиот договор е направена поради тоа што во оригиналот имаше УЕФА про лиценца со име Македонија и грчкиот фудбалски сојуз не му ја признаваше. Самиот побара смена на тренерот на голманите и го прифативме неговото барање. Најсмешно е тоа што вели дека фудбалерите немале победнички менталитет. Ни вели дека го загубил мечот со Калитеа, а поразите од Кифисија и Егалео треба да ги бараме на друго место, без да кажа каде. Своите зборови ќе мора да ги објасни пред надлежните органи. Каламата е семејство и има единствно меѓу претседателот и акционерите и сите работиме да го вратиме клубот каде му е местото. Во Суперлигата, со Мурињо или без него…“, се вели во соопштението на клубот.

Поранешниот предводник на македонскиот фудбал на клупата на грчкиот второлигаш седна на почетокот од февруари оваа година.