Дробаров: Играв со една нога за Сараево, а снимките покажуваа дека морам на операција!

Македонскиот интернационалец и поранешен младински македонски репрезентативец после пет месеци се врати во Скопје откако летоска го засили босанскиот гигант Сараево, но ја прекина соработката и откри дека за „бордо тимот“ играл со една нога, зашто наместо на операција, стиснал заби да игра за сараевчани.

Босанските медиуми вчера го најавија неговото заминување, а во најава е и заминување на екс-репрезентативецот Даниел Аврамовски после една година од доаѓањето, а и тој се мачеше во изминатиов период со повредата на бутниот мускул.

„Искрено после резултатите и сѐ што се случуваче, ова беше очекувано, клубот сака некои промени и јас тоа го ценам и почитувам. Така да се разделивме, се согласив и јас, како и раководството. Кога нема резултати, прво си оди тренеро, па играчите. Така е во фудбалот кога нема резултати. Двапати се повредив, прво скинав колатерален лигамент, па кога се вратив ги скинав лигаментите на зглобот. И морам да им заблагодарам на лекарската екипа зашто јас требаше да одам на операција, тоа е четири до шест месеци пауза, а тие за 22 дена ми овозможија да се вратам на теренот“, рече Дробаров.

Тој потенцира дека за Сараево играл со една нога, но психолошката тортура била причина за лошите резултати.

„Јас можам да кажам слободно дека играв со една нога. Сериозно кажувам. Имаше снимка која кажуваше дека треба да одам на операција, ама се сложија да истуркам без неа и да стизнам заби. Операцијата беше најлоша опција, ама најреална. И затоа благодарност до лекарскиот тим, зашто без нив кој знае што ќе правев. Некои работи не се поклопија, моравме да играме на друг стадион, немавме и среќа... Не е проблем во играчите, имаше страшно квалитетни фудбалери, но психолошката тортура беше огромна и тука беше проблемот. Сите имавме психолошки проблем, не знам зошто, ама така се поклопи“, додаде Дробаров.