Дробаров и Аврамовски си одат од Сараево

Македонските интернационалци Влатко Дробаров и Даниел Аврамовски зимава ќе си заминат од босанскиот великан Сараево, најавуваат локалните медиуми, откако клубот решил да направи чистка во своите редови и „метлата“ ќе ги зафати и двајцата Македонци.

Дробаров, кој беше меѓу најдобрите дефанзивци во Бугарија како големо засилување дојде во Сараево летово, ама после само пет месеци си заминува од „Кошево“ и наводно според информациите спогодбениот прекин на соработката на половина од едногодишниот договор е веќе договорен и се чека само на официјализација.

Од друга страна, Даниел Аврамовски, кој е екс-репрезентативец и член на златната младинска генерација, со настапи и на младинското и на сениорското ЕП зимоска дојде во Сараево на барање на Александар Васоски кој тогаш го презема кормилото, но по три месеци си замина. Аврамовски имаше многу маки со повредите, па не успеа да го покаже сиот свој потенцијал и според најавите и со него треба да се прекине соработката, иако имаше две ипол годишен договор.

Уште неколку фудбалери од актуелниот состав исто така ќе си заминат од „бордо тимот“. Летоска од овој клуб си замина и Крсте Велкоски, кој беше долгогодишен капитен и се врати во својот матичен Работнички.