Адеми во моќниот Динамо за време на кризата ќе заработува само – третина плата!

Загрепски Динамо е балкански фудбалски моќник кој под палката на Здравко Мамиќ во изминативе деценија ипол успеа да заработи толку пари, што речиси цел регион може само да ги сонува. Но, и покрај сериозната заработка низ годиниве, „модрите“ во ек на пандемијата со коронавирусот и кризата, сериозно ги скратија договорите на фудбалерите, меѓу нив и на капитенот Аријан Адеми, македонскиот фудбалски репрезентативец.

Адеми неодамна го продолжи договорот со Динамо, одби милионска понуда од арапскиот свет и тоа со невиден пресврт во последен момент за да остане во својот клуб, но сега ќе мора да прифати сериозно намалување на платата од која барем додека е на пауза ќе добива – едвај една третина.

Динамо објави каков рез прави во платите со цел, никој од семејството на „модрите“ не се соочи со проблеми или со заминување од работното место, па сооглед дека фудбалерите се најплатени, тие и најмногу ќе го почувствуваат кратењето, но далеку од тоа дека нема да имаат пари за нормално да живеат.

Така Динамо додека трае кризата ќе ги плаќа сите вработени, а посебно фудбалерите со третина од платата и тоа се до моментот додека повторно не се вратат на фудбалскиот терен и не го одиграат првиот официјален меч. Засега не е јасно колкава ќе биде паузата, ама како што стои ситуацијата и подготовките за пикот на ударот од Ковид-19 во Хрватска, можно е да потрае и до почетокот на јуни.

Втората третина од парите Адеми и соиграчите ќе ги добијат со „одложено плаќање“ и тоа во рок за шест месеци од одигрувањето на првиот меч после кризата, додека преостанатата третина воошто нема да ја добијат, што е „кризна мерка“ на клубот за да се спаси од финансиски проблеми.

Инаку вработените што имаат до просечна плата од неполни 1.000 евра (7.500 куни) ќе ја добиваат цела плата, додека останатите што имаат над таа плата ќе ги фати мерката како и за фудбалерите. Од остатокот ќе добијат третина постојано, втората третина во рок од шест месеци по рестартирањето, а третина ќе им биде одземена.

Динамо најави дека до идното лето во 2021 година нема да мрдне од Хрватска, па подготовките ќе си ги одработи во својата земја.