Адеми си оди од Динамо Загреб?

Капитенот на хрватскиот првак Динамо Загреб, Аријан Адеми, репрезентативец на Македонија веројатно летово ќе го напушти „Максимир“, најави хрватскиот спортски весник „Спортске Новости“.

Адеми во Динамо е од 2010 година, кога дојде од родниот Шибеник и како што објавуваат хрватските медиуми, се погласно се најавува неговото заминување, затоа што 26-годишниот фудбалер за врска и капитен на „модрите“ сега има шанса да си го реши животното прашање и да најде клуб каде што добро ќе заработи.

Адеми беше еден од бисерите од кои Здравко Мамиќ планираше добро да заработи, но позитивниот допинг-тест по настапот во ЛШ во 2015 година го сопреа развојот на македонскиот фудбалер. Тој по двегодишна суспензија се врати на терените и повторно почна да игра во препознатливата форма.

Заминувањето на Адеми е само мал дел од реконструкцијата која е планирана на „Максимир“, а се најавува заминување и на Алжирецот Ал Хилал Судани, а од претходно веќе се најавени заминувањата на Борна Соса во Штутгарт, Анте Чориќ во Рома и Филип Бенковиќ во Интер.