Адеми: Повредите ме покосија, тешко е кога не си на терен!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на загрепски Динамо викендов се врати на терените после повеќе од еден ипол месец од повредата на стапалото која ја здоби во октомврискиот меч за Македонија против Германија, па сега со „модрите“ го чека предизвикот преку белгиски Генк да стигне до нова пролет во Лига Европа.

Бескомпромисниот борец откако почна сезоната имаше две долги паузи од скоро три месеци, првата од крајот на јули до почетокот на септември, кога не играше за Македонија во трите ремија, па откако се повреди против Германија ги пропушти и завршните мечеви месецов во кои црвено-жолтите го обезбедија мундијалскиот бараж и во петок ќе ги чекаат противниците за патот кон Катар.

„Секогаш е тешко да се гледа кога не сум на терен, а скоро да поминаа два месеци. Повредите ме покосија оваа година, ама... Колку можам утре? Ќе видиме, колку ќе треба. Но, јас тие приказни не ги сакам кога постојано се потенцира колку му недостигам на тимот. Но, секој играч кого тренерот го нема е недостаток. Зашто секогаш тимот, а не поединецот и победува и губи“, вели Адеми.

Динамо во кој игра и вториот македонски репрезентативец и капитен на црвено-жолтите, Стефан Ристовски, го победија Генк на гости со 3-0, а триумф сега практично ќе значи заверка на шеснаестинафиналето во Лига Европа, додека со реми практично ќе значи европска пролет, ама во најслабата Конференциска лига.

„Тоа што победивме во Белгија беше резултат кој беше нереален, зашто и Генк имаше извонредни шанси, па знаеме колку се добри и се надевам дека сите ќе дадеме сѐ од себе за да победиме. Во Динамо секој меч е притисок, не е тоа ништо ново, без оглед дали се работи за Осиек или Генк. Мора да сме спремни, да ја сакаме победата и со такви мисли да влеземе. Ако сакаме победа ќе мора да бидеме и подобри од тоа што бевме во Белгија“, додаде Адеми.