Адеми од Кина им порача на динамовци: Чувајте и за мене еден од медалите!

Македoнскиот репрезентативец и доскорешен капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми вчера после прославата на новата шампионска титула на „модрите“ во Загреб преку видео-порака испрати честитка за круната во која и тој даде силен придонес до средината на март, па им порача на соиграчите да му сочуваат еден медал за богатата ризница на трофеи.

Адеми е убедливо најтрофејниот фудбалер не само во Динамо, туку и во хрватскиот фудбал, со преку 20 освоени трофеи од кои 12 се шампионски титули. Тој 13 години беше дел од Динамо, а пред крајот на март се пресели во Пекинг Гуан, каде веќе запиша гол и асистенција во досегашниот тек од сезоната.

„Поздрав до сите навивачи на Динамо и до моите доскорешни соиграчи. Честитки за титулата, знаев од почеток дека така ќе биде. Сигурно дека имаше потешкотии, но најважно е што титулата е на нашиот 'Максимир'. Чувајте ми еден медал! Сега одморете се и подгответе се за новата сезона“, порача Адеми.

Во Динамо најмалку до 2025 година продолжува капитенот на македонската репрезентација Стефан Ристовски, кој имаше извонредна пролет во модриот дрес, па пред еден месец го продолжи договорот со најтрофејниот хрватски клуб и летово го чека нов предизвик преку квалификациите за ЛШ да се обезбеди групна фаза во најелитното натпреварување.