Адана Демирспор сака да го земе македонскиот репрезентативец Куртулан од Фенербахче

Адана Демирспор, која во минатата сезона заврши како девето пласирана во турската Суперлига во првата сезона после децениското враќање во елитното друштво сака по секоја цена да го земе младинскиот репрезентативец Арда Окан Куртулан како засилување за новата сезона.

Првиот човек на Адана, Мурат Санчак објавил дека во моментов преговара за да го донесе Кутулан, кој неодамна даде два гола за младата репрезентација на Македонија до 21 година во триумфот против врсниците од БиХ со 2-1, а во последното коло од минатата сезона, 19-годишниот офанзивец првпат дебитираше за сениорскиот тим на истанбулскиот великан Фенер.

„Во преговори сме со Арда Куртулан да дојде од Фенербахче“, објавил Санчак.

Кутулан беше дел од младинскиот погон на Фенербахче и даде осум гола со четири асистенции во 28 меча, по што во завршниот меч од сезоната дебитираше за првиот тим, а дел од овој гигант е од 2019 година. За тимот до 19 години на Фенер, Куртулан има 16 гола и 10 асистенции во 66 настапи и станува збор за нов бисер кој Македонија не смее да го пропушти и мора да му даде пасош за да може да игра на официјалните мечеви.

Младиот офанзивец беше дел и од младата селекција на Македонија до 19 години, а сега е еден од низата таленти од новата генерација на најнадежната младинска селекција.с