Македонската фудбалска репрезентација по една деценија пауза тргна победнички во едни квалификации, па вечерва славеше против Летонија со 3-1 за да ја оствари првата цел во овој мартовски термин и сега за три дена во Словенија ќе се обиде да ја продолжи серијата во трката за место на Евро 2020.
Втор репрезентативен, а влкупно петти меч во Скопје, Летонците заминуваат со наведнати глави од Скопје, со што продолжи перфектната традиција на македонскиот фудбал против земјата од Балтикот. Пред оваа победа, Македонија пред пет години во пријателски меч ја победи Летонија, а претходно на клупско ниво Работнички го растури Сконто (6-0) во 2005, па Тетекс го суреди Вентспилс (3-0) во 2010, а Работнички славеше над Јеглава (2-0) во 2015.