ВТА-турнир откажан, но не од корона: Квалитетот на тенисерките не бил добар!?

Во ек на најголемата светска криза кога секој организиран спортски настан се води како голема победа во војната со коронавирусот, се случуваат и лудории во светскиот спорт, па така закажан ВТА-турнир за крајот на годинава нема да се игра и тоа не поради новата експлозија на ковид-19, туку од – бизарни причини.

Во Лимож требаше да се игра женски турнир од 14 до 20 декември, кој е меѓу последните за оваа година заедно со тој во Острава и во Линц. Арно ама, во Лимож нема да се игра тенис, откако организаторот решил да го откаже истиот со образложение – ќе немало доволно квалитетни тенисерки.

Наводно процениле Французите дека на истиот нема да играат поголем број на тенисерки кои се меѓу 150-те најдобри на светот во моментов, според ВТА-листата, ама се плашеле дека никој од тој поширок крем нема да им дојде. Причината била што засега е нејасно дали Австралија опен ќе се одржи, а Австралија воведе двонеделен карантин за секој што ќе дојде во земјата.

Тоа би значело дека ако тенисерките, решат да учествуваат, а дел од нив и во квалификациите, би требало во тој период кога ќе се игра турнирот во Лимож да тргнат за Мелбурн, па преку карантин, да ја пречекаат Нова година, а потоа да може да се подготват за настапот.

Но, кога има неизвесност за сè, Французите пресекле наједноставно – нема да организираат турнир за тенисерките.