Тим по маратонски меч го елиминираше Ѓоковиќ во полуфиналето во Лондон

Новак Ѓоковиќ беше елиминиран во полуфиналето на завршниот турнир во Лондон, откако загуби со 1-2 во сетови, односно 5-7, 7-6 и 6-7 од Доминик Тим.

Првиот сет беше израмнет во поголемиот дел, без ниту една брејк топка до 11. гем, кога Тим ја искористи првата можност на противнички сервис и поведе со 6-5, а потоа сервираше сигурно за 7-5.

Во вториот сет Тим повторно имаше брејк шанса во петтиот гем, но не ја искористи, по што сетот се решаваше со тај-брејк, а таму подобар беше Ѓоковиќ со 12-10.

Двата тенисери во последниот сет беа сигурни на своите сервиси, па мечот го решаваа во тај-брејк. Ѓоковиќ имаше водство од 4-2, но потоа Тим направи пресврт и победи со 7-5.

Во финале на турнирот во Лондон ќе игра против подобриот од мечот меѓу Медведев и Надал.