„Синер во моментов е најдобар тенисер во светот“

Долгогодишниот тренер на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ ја изненади јавноста со оценката за квалитетот на тенисерите кои во моментов се во врвот на АТП турот.

Во еден поткаст поврзан со Австралија опен, хрватскиот ас го посочи Јаник Синер како фаворит за освојување на титулата во Мелбурн што наиде на негодување кај фановите на Ѓоковиќ, особено поради тоа што Иванишевиќ долго време беше со српскиот тенисер.

„Мислам дека Синер е фаворит за титулата, во моментов најдобар светски тенисер. Но, Новак е Новак и кога е на теренот, јас секогаш ќе се обложам на него“, рече Иванишевиќ.

Дуелот меѓу Синер и Ѓоковиќ во Мелбурн е можен само во финалето, ако двајцата претходно ги совладаат своите ривали, Шелтон и Зверев.