Остана без пари: Британска тенисерка планира да работи во - супермаркет!

Пандемијата на коронавирусот ги запре поголемиот дел на спортски натпреварувања, па така тенис нема да се игра во следните неколку месеци. Уште не е познато колку време ќе трае паузата, но фактот дека Вимблдон е одложен за првпат по Втората светска војна покажува дека ситуацијата е сериозна.

Сите тенисери и тенисерки се речиси без приход, не се во можност да заработат од настапи на турнири, а тоа тешко им паѓа на тие кои се со послаб ранг и во кариерата не успеале да заработат доволно пари. Една од нив е Наоми Броуди, која е 499. тенисерка на ВТА-листата.

„Тенисот е индивидуален спорт и ние мора да заработуваме пари. Ако не сме во можност да играме, нема да заработуваме, едноставно е... Знам многу тенисерки од понизок ранг кои не заработуваат многу и немаат заштедено пари. Сепак, јас размислувам да почнам со работа во супермаркет затоа што тие имаат потреба од работници, а мене ми требаат пари за да го надминам овој кризен период“, вели тенисерката.