„Новак Ѓоковиќ е тенискиот Леброн Џејмс – далеку е од пензија!“

По изјавата на Новак Ѓоковиќ дека можеби го одиграл последниот меч на Ролан Гарос, повторно се отвори прашањето за евентуалниот крај на кариерата на српскиот тенисер.

Но, поранешниот американски ас Џон Мекинро смета дека популарниот Ноле нема причина да се повлече, нарекувајќи го - Леброн Џејмс на светскиот тенис.

„Зошто би се повлекол кога и натаму е конкурентен? Сѐ уште најдобро се натпреварува со Алкарас и Синер. Има две клучни предности – искуство и способност да се справува со тешки моменти“, изјави Мекинро за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.

Тој додаде дека Ѓоковиќ заслужува восхит поради својата упорност и физичка подготвеност.

„Србинот е феномен кој науката треба да го проучува“, искрен е Американецот

Мекинро направи и споредба меѓу новата генерација и т.н. „голема тројка“ – Ѓоковиќ, Федерер и Надал.

„Никогаш не сум замислувал дека Роџер, Рафа и Новак ќе освојат по 20 и повеќе гренслем-титули. Ако некој ден Алкарас и Синер стигнат до 25, тоа би било неверојатно, но - никогаш не велете никогаш“, заклучи некогашниот легендарен тенисер.