„Направивме сѐ за Ѓоковиќ да игра во Мајами, ама залудно – ништо не ни успеа!“

Најдобриот светски тенисер и апсолутен рекордер по број на недели на АТП-листата, Новак Ѓоковиќ нема да игра на Мастерсот во Мајами, иако домаќините се обидоа на секој начин, дури и со писма кај американскиот претседател Џо Бајден да ја укинат забраната за влез на невакцинирани од ковид-19, со цел Србинот да игра, ама сѐ беше залудно.

Џејмс Блејк, директорот на АТП Мастерсот од серијата 1.000 во Мајами кој стартува во среда, објави дека дефинитивно Ѓоковиќ нема да игра, зашто не успеале сите обиди за да го пуштат српскиот тенисер во земјата. Ѓоковиќ од 2019 година нема настап во Мајами, а поради ковид-забраните и фактот дека е невакциниран, не може да влезе во САД.

„Јасно е дека нашиот турнир е еден од најголемите на светот и сакаме сите најдобри играчи да играат на него. Направивме ама буквално сѐ што можевме за Новак да дојде и да игра. Се обидовме и со преговори со Владата, но сѐ беше залудно. Ништо од тие обиди не ни успеа. За жал Ѓоковиќ нема да игра“, рече Блејк.

Ѓоковиќ има пет титули од Мајами, а уште минатиот месец поднесе специјално барање до американските власти за да добие посебна дозвола за влез и да игра на Индијан Велс, кој во моментов трае и во Мајами, но беше одбиен.