Надал со пресврт го доби Циципас, но сега се „крсти“ на Медведев за полуфинале

Шпанецот Рафаел Надал дојде до втората победа на Завршниот турнир во Лондон, откако во третото коло од групната фаза славеше со 6-7, 6-4, 7-5 против Стефанос Циципас.

Со овој триумф, Шпанецот останува во игра за полуфинале, но клучна улога ќе одигра вечерниот меч помеѓу Данил Медведев и Александар Зверев, меч кој е закажан во 21 часот.

Во првиот сет и двајцата тенисери беа сигурни на своите сервиси, па мораше да се решава во тајбрејкот кој на крајот му припадна на Циципас со 7-4. Но, првиот рекет во светот успеа да се врати и да го добие вториот сет благодарение на добиениот сервис на противникот при резултат 4-4. На крај со свој сервис дојде до израмнување на 1-1 во сетови. Во третиот сет се играше гем за гем, а Надал успеа да го скрши отпорот на Циципас во 11. гем, при сервис на противникот. Дојде до 6-5, а потоа лесно на свој сервис го доби третиот сет за победа.

Статистички гледано, двајцата тенисери одиграа на ниво и доста израмнето. Циципас имаше 11 аса од кои пет во првиот сет, додека неговиот противник оствари шест. Двојни грешки имаше шест (по три на двете страни), а идентична беше и статистиката кога се во прашање винерите (по 27).  

Сепак, пласманот во полуфиналето не го осигура со победата. За тоа потребен му е триумф на Медведев над Зверев.