Надал пак удри: Новак не е поголем од АО, не се согласувам со тоа што го прави!

Додека трае борбата на Новак Ѓоковиќ за добивање дозвола да остане во Австралија иако е невакциниран, поради што двапати му беше поништена визата иако доби медицински исклучок за настап на гренслем-турнирот во Мелбурн, за медиумите е интересен и Рафаел Надал, како негов голем противник и потенцијален губитник ако Србинот дојде до трофејот на крајот од годинешната пресметка.

Со тоа, популарниот Ноле би дошол до бројката од 21 освоени гренслем титули, со што би имал една повеќе на вечната листа од Надал и од Роже Федерер. Поради тоа, можеби е разбирлива изјавата на Шпанецот која е контра Ѓоковиќ, а во која потенцира дека ниту еден тенисер не бил ниту ќе биде поголем од Австралија опен (АО).

„Турнирот во Мелбурн е поважен од било кој играч. Ако настапи Ѓоковиќ ќе биде во ред, но и ако не игра, Австралија опен ќе биде одличен гренслем и без него. Навистина го почитувам, но не се согласувам со многу работи што ги направи во последните две недели“, изјави Надал.

Србинот во моментов повторно е во имиграциски притвор, а конечната одлука за тоа дали ќе му се уважи жалбата на одземената виза ќе биде донесена ноќеска на полноќ по средноевропско време.