Надал му се одмазди на Зверев и обезбеди полуфинале во Рим

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал му се одмазди на Александер Зверев за поразот во Мадрид, откако денеска славеше против Германецот со 2-0 во сетови, односно 6-3 и 6-4, кои му донесоа полуфинале на турнирот во Рим.

Германецот имаше ужасен почеток на мечот, а тоа го искористи Надал, кој направи две брејк топки на противнички сервис за водство од 4-0, по што Зверев врати еден брејк (1-4), но тоа не беше доволно за пресврт, па првиот сет му припадна на Шпанецот со 6-3.

Во вториот сет имаше само еден брејк, и тоа во петтиот гем (3-2), а потоа Надал сервираше сигурно до последниот гем, кога Зверев пропушти три брејк топки, а тоа го казни Шпанецот и го доби вториот сет со 6-4.