На Ѓоковиќ му требаат бодови и го потврди настапот во Шангај

Постои опасност Новак Ѓоковиќ оваа година да не обезбеди бодови за настап на завршниот Мастерс во Торино, па затоа малку го згусна распоредот во финишот од сезоната.

Иако пред неколку недели беше најавено дека ќе игра во Шангај, до синоќа немаше официјална потврда за тоа. Сега се јави лично Ѓоковиќ кој го потврди настапот на кинескиот Мастерс, првпат по пауза од пет години.

„Не можам да дочекам, супер возбуден сум што повторно ќе ги видам моите навивачите во Кина. Тоа е еден од најдобрите тениски турнири во светот. Пет години е долг период и затоа со нетрпение очекувам повторно да заиграм во Кина“, рече Ѓоковиќ.

Своето учество во Шангај веќе го потврдија Јаник Синер, Карлос Алкараз и Александар Зверев, а добро за Ѓоковиќ е тоа што колку и да освои, сите бодови ќе му се бројат на неговото салдо бидејќи не брани ништо од овој турнир. Со четири титули, тој е најуспешен играч во историјата на кинескиот Мастерс и има вкупен скор 34-5.

Во трката за настап на завршниот Мастерс, Ѓоковиќ се наоѓа на деветтото место, а пласман на него обезбедуваат првите осум. До крајот на сезоната има уште околу два месеца, а ако нема дополнителни промени, Ѓоковиќ би требало да игра уште на Мастерсот во Париз, кон крајот на октомври. Оваа сезона, тој се уште не освоил ниеден АТП трофеј.