Македонија загуби и од Кипар на Дејвис куп турнирот во Ларнака
По Амар Хусеиновиќ утрово (6-1, 6-2), околу пладне својот меч го загуби и Обрад Марковски. Беше совладан со Менелаос Ефстатиу, 911. на АТП-листата со идентични 6-1, 6-2.
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски, кој вчера го предаде мечот со Александар Козбинов од Молдавија откако загуби, речиси, два комплетни сета, овој пат беше изоставен. Евидентно е дека станува збор за повреда, но сè уште нема потврда од Тениската федерација за колку сериозна повреда станува збор и колку би отсуствувал Ивановски од терените.
По овој пораз, преостана само формално да се одигра мечот во двојки, во кој исто така ќе настапат Марковски и Хусеиновиќ, против тандемот Кирацис/Неос. Македонија го освои третото место во групаа Б, што ја носи до дуел за опстанок против третопласираниот од групата А, Сан Марино.
Првата од нашата група, Молдавија, заедно со Естонија, која го освои првото место во групата А ќе се пласираат ранг погоре, во Втората светска група, без оглед на тоа кој ќе победи во финалето на овој турир во Ларнака. Третата пропусница за скалило погоре ќе ја добие победникот од дуелот на двете второпласирани, Малта и Црна Гора.