Крај на уште една ера: Вториот најдобар Швајцарец со пораз дома замина во историја!

Швајцарскиот тенисер Стен Вавринка и официјално ја заврши својата професионална кариера, откако синоќа загуби во првото коло на турнирот „Свис Индорс“ во својот роден град Базел.

Тројниот гренслем-шампион беше елиминиран од осмиот носител Јиржи Лехечка (7-5, 7-6), а последниот удар во професионалната кариера на 41-годишниот ветеран беше бекенд кој заврши надвор од теренот. Вавринка, кој влезе во професионалните води во далечната 2002 година, уште во декември минатата година најави дека 2026 година ќе биде неговата последна сезона на АТП турнејата, по што во текот на целата проштална година навивачите ширум светот му приредуваа емотивни испраќања.

Швајцарецот остава зад себе кариера одбележана со големи победи и статус на еден од најдобрите тенисери на својата генерација, освојувајќи вкупно 16 АТП титули и достигнувајќи го третото место на светската ранг-листа во 2014 година. Своите три гренслем-титули ги освои на импресивен начин, победувајќи ги тогашните светски рекети број еден во сите три финалиња – Рафаел Надал на Австралија Опен во 2014 година, како и Новак Ѓоковиќ на Ролан Гарос во 2015 и на Ју-ес Опен во 2016 година. Покрај индивидуалните подвизи, тој оствари значајни успеси и во дресот на Швајцарија, каде заедно со Роџер Федерер го освоија златниот медал во двојки на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, а во 2014 година беа клучниот дел од репрезентацијата која за првпат во историјата го освои Дејвис купот.

Во пресрет на неговиот последен настап, тој истакна дека се повлекува горд и со мирна совест.

„Сè што сакав во текот на кариерата беше да го дадам максимумот, да немам за што да жалам, секогаш да се борам и во секој меч да пружам 100 отсто. Тоа беше од почит кон себе, противникот, турнирот, навивачите и сите останати. Тоа повеќе од 20 години беше најважно и тоа е единствениот начин да се збогувате од спортот – без никакво жалење“, изјави Вавринка за официјалната страница на АТП.