Ѓоковиќ разочаран по новиот неуспех: Ова е таа сезона...

И по 104 дена од 2024 година, Новак Ѓоковиќ уште го чека првиот трофеј, а ако се земе предвид и крајот на минатата, посниот период за него изнесува безмалку пет месеци.

Шанса да ја прекине лошата серија имаше на Мастерсот во Монте Карло, прв на земјена подлога оваа сезона, но запрен е од Каспер Руд во полуфиналето. И покрај поразот, Ѓоковиќ останува прв светски рекет, но е незадоволен по новиот неуспех.

„Се разбира дека сум разочаран кога ќе загубам ваков меч. Беше тесно, честитки за Каспер, играше многу добро, особено на почетокот на првиот и третиот сет. Јас се навикнав на високи стандарди, очекувања од резултатите, така што тоа што немам титула, во споредба со последните 15 години, значи дека оваа сезона воопшто не е добро. Играв само три турнири оваа година, но ова е таа сезона во која работите не се најдобри од почетокот и се надевам дека ќе можам да се подигнам во иднина“, изјави Ѓоковиќ.

Засега не е познато дали тој ќе настапи на турнирите во Барселона и Мадрид, но се очекува да игра во Рим каде лани беше запрен во четвртфиналето.