Ѓоковиќ не може да освои титула, а ја зголемува предноста пред ривалите

Пет месеци трае постот на Новак Ѓоковиќ кога станува збор за титулите на АТП турот, но ривалите тоа не го користат за да го симнат од челната позиција на ранкингот.

И во Монте Карло, Србинот не се прослави бидејќи испадна во полуфиналето од Каспер Руд, но во однос на неговиот пласман, тоа нема да има големи последици. Напротив, со оглед на тоа што лани на истиот турнир испадна во второто коло, тој заработи 310 бода и дури ја зголеми предноста во однос на конкурентите. Синер можеше да се доближи до него, но и тој вчера доживеа пораз и пропушти шанса да заработи повеќе од оние 40 бода.

На ранг-листата која ќе излезе утре, тој ќе има 1.285 бода повеќе од Јаник Синер и со оглед на тоа што до Мастерсот во Рим не брани ништо, загарантирано му е првото место до 20 мај. Дотогаш може да го симне само Јаник Синер, но со оглед на тоа што и во Рим лани не се прослави, извесно е дека Ѓоковиќ како првопласиран ќе го дочека „Ролан Гарос“ кој почнува на 26 мај.