Бекер сигурен: Синер уште долго ќе владее

Јаник Синер вчера ја почна 23. недела на првото место на АТП листата, а како што стојат работите и со оглед на неговата голема предност во однос на ривалите, никој нема да може да го симне оттаму најмалку до февруари.

Оваа година тој освои седум АТП титули, вклучувајќи два Гренд слема, а во моментов се бори и за осмиот трофеј, на завршниот турнир во Торино каде лани играше во финалето. За разлика од Алкараз кој има големи падови во формата, Синер игра на исто ниво цела година. Тоа, сепак, не е изненадување за Борис Бекер кој смета дека италијанскиот тенисер уште долго ќе биде на првото место.

„Воопшто не сум изненаден од Синер, долго го познавам и знам дека секогаш беше талентиран. Она шо што се истакнуваше е неговата одлучност, секогаш се оставаше во втор план поради тенисот. Точно е дека ги имаме Алкараз и уште многу други, но сигурен сум дека тој уште долго ќе доминира“, тврди Бекер.

Предноста на Синер во однос на второпласираниот Зверев во моментов изнесува 3.000 бода, а може да биде дополнително зголемена во зависност од резултатите на двајцата тенисери во Торино.