Австралија опен ќе се игра од 8 февруари, тенисерите прво ќе поминат во изолација

Првиот тениски гренслем во новата 2021 година, Австралија опен повеќе од извесно е дека ќе се одржи од 8 до 21 февруари, две недели подоцна од првичниот план и календар, а за тенисерите ќе важат ригорозните и строги епидемиолошки мерки.

Како што објавуваат локалните медиуми, сите тенисери кои планираат да играат на Австралија опен ќе мора да допатуваат во Австралија во периодот од 15 до 17 јануари и потоа да минат две недели во изолација, пред да може да излезат од хотелот, но со една олеснителна околност дневно ќе може да излезат на пет часа за тренинзи.

Во државата Викторија веќе цел еден месец нема ниту еден заразен од коронавирус, откако таа помина шестнеделен карантин, па сега само „увезени заразени лица“ може да ја прошират болеста и оттаму двонеделниот карантин за секој кој сака да дојде.

Според најавите на Австралија опен ќе има дозволен ограничен број на гледачи, ама засега не е познато колку.

Титулите во Мелбурн ќе ги бранат Новак Ѓоковиќ и Софија Кенин.