Алкарас вината за неочекуваниот пораз во Париз ја најде во – чудната подлога!

Карлос Алкарас, шпанскиот тенисер и освојувач на два гренслем-трофеи оваа сезона, продолжува да се бори за врвот на АТП листата, но неодамнешниот пораз во осминафиналето на мастерсот во Париз го оддалечи од таа цел. Иако играше финале на Олимписките игри, неговата сезона е обележана со неколку неуспеси, вклучувајќи ја и раната елиминација на Ју-Ес Опен и неуспехот во Шангај.

Шпанецот неочекувано загуби од Иго Имбер (1-6, 6-3, 5-7), што дополнително ја потврди неговата недоследност во играта. По мечот, шпанскиот тенисер призна дека чувствува разочараност поради пропуштените шанси во третиот сет.

„Никогаш не сакате да се збогувате од турнирот толку рано, но особено е тешко кога ќе загубите тесен меч. Боли тоа што не ги искористив моите шанси во третиот сет, мислам дека можев да направам повеќе. Знаев дека нема да биде лесно против Иго, кога играм против него, секогаш сум подготвен да трчам многу. Има силни удари“, изјави Алкарас.

Карлос потоа се осврна на промената на подлогата во Париз, за која смета дека му создаде дополнителни потешкотии.

„Ова беше најбрзата подлога на еден мастерс турнир од серијата 1000. Не знам зошто целосно ја променија подлогата во споредба со минатите години. Очигледно требаше да дојдам порано во Париз за да се навикнам на овие чудни услови“, заврши шпанскиот тенисер.