Судот во Лозана со драконска казна за кинески пливач: Суспензија од осум години!

Трикратниот олимписки шампион Сун Јанг заработи суспензија од осум години од Судот за спортска арбитража поради прекршување на правилата за допинг. 

Сун, кој славеше на ОИ во Лондон во 2012 на 400 метри и 1.500 метри слободен стил, а освои злато и во Рио четири години подоцна на 200 метри, може слободно да се повлече од спортот, бидејќи доби драконска казна.

Целиот случај стана вистинска драма, откако Кинезот не сакал да даде примерок за допинг-тест во септември 2018 година. Лица одговорни за правање тестови дошле во неговиот дом со цел да земат примерок од крв и урина, но Сун не сакал да соработува. Уште поинтересно е тоа што неговата мајка повикала бодигард за да ги скрши примероците од крв кои во тој момент му биле земени на пливачот.

Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) одби да го казни кинескиот пливач за овој потег, бидејќи тестерите не обезбедиле правилна идентификација за време на тестирањето. Ова ја разлути Светската анти-допинг агенција (ВАДА), која веднаш го испрати случајот кај Судот за спортска арбитража во Лозана и побара казна од две до осум години.

Судот му додели максимална суспензија од осум години поради одбивање да соработува со тестерите.