После Балканското првенство во пинг-понг во јуни годинава, македонската метропола Скопје е домаќин на светски кадетско-јуниорски спектакл во овој олимписки спорт, со организација на ИТТФ-челинџ во кадетска и јуниорска конкуренција на која учествуваат преку 100 пингпонгари од преку 20 земји од светот.

Македонија е домаќин на пинг-понг спектаклот, кој стартуваше вчера и ќе трае до сабота, а мечевите од шампионатот ќе ги има и на јутјуб-каналот.

„После одржувањето на Балканското првенство во Скопје во текот на јуни со рекорден број држави учесници (12), Скопје и пинг-понг федерацијата на Македонија се домаќини на првиот турнир под покровителство на ИTТФ, Отвореното првенство на Македонија за јуниори и кадети. Одржувањето на настани од ваков ранг укажува на податокот за зголемениот интерес за пинг-понг спортот во државата, но и за успешност во работата и менаџирањето во пинг-понг федерацијата“, рече Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Претседателот на ИТТФ, Томас Вајкарт изрази огромна благодарност, првенствено за гостопримливоста особено што доаѓа во Скопје за првпат, потенцирајчи дека е позитивно изненаден од организацијата, бројот на земји учеснички, но и од поддршката која државата ја дава на пинг-понг федерацијата во организација на настани од училишен спорт, па се до сениорски натпреварувања.

„Земјите од Балканот имаат огромна традиција за пинг-понг, а моите очекувања се да ја посетам оваа земја и идната година, кога водени од позитивните реакции на ИТТФ за успешните реализации на манифестациите годинава, ќе можете да се изборите за нови натпреварувања од уште повисок ранг“, рече Вајкарт.

Во Скопје деновиве присутни се 100 учесници, 50 официјални лица од 20 земји, пред се Шведска, Индија, Норвешка, Шпанија, Италија, Словачка, Чешка, Хрватска, Перу, Србија, Бугарија...

„Доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пинг понг федерација треба да обезбеди дополнителен мотив за развој на пинг-понгот во државава“, посочи пртетседателот на пинг-понг федерацијата, Горан Тиловски.