Си ампутираше прст за да може да настапи на Олимписките игри! (ВИДЕО)

Можеби најбизарната вест поврзана со Олимписките игри во Париз пристигнува од светот на хокејот на трева, а во главна улога е 30-годишниот Австралиец, Мет Доусон.

Мет Доусон си ампутирал дел од прстот за да не ги пропушти Олимписките игри.

Тој неодамна го скршил прстот на десната рака и вообичаеното опоравување за такво нешто вклучува носење на гипс додека коската не зарасне.

Но, докторите му дале избор меѓу ампутација на дел од прстот и носење гипс, само со првиот начин би можел да настапи на игрите во Париз.

„Немав многу време за одлука. Ги имав сите информации кои ми беа потребни за да ја донесам одлуката, не само поради настапот во Париз, туку и за продолжување на животот“, рече Доусон кој на крајот се одлучил за ампутација.

Неговиот селектор Колин Бач го пофали Доусон за храброста, но признава дека не е сигурен дали и тој би го направил истото.

„Очигледно дека е посветен на настапот во Париз. Но, не сум сигурен дека јас би го направил истото, но тој го направи. Тоа не е нешто што тренер може да го одлучи за играч“, рече селекторот.