Русија исфрлена од ОИ 2020 и од СП во фудбал 2022 година!

Русија доби четиригодишна суспензија од сите големи спортски настани од страна на Светската анти-допинг-агенција (ВАДА).

Ова значи дека руското знаме и руската химна ќе бидат забранети на Олимписките игри во Токио во 2020 година и на Светското првенство во фудбал во Катар во 2022 година. Руските спортисти кои ќе можат да докажат дека не биле тренирани под допинг програмата на Русија ќе имаат шанса да се натпреваруваат на големите турнири под неутрално знаме.

ВАДА донесе едногласна одлука на состанок во Лозана, Швајцарија, а оваа суспензија доаѓа откако Руската анти-допинг агенција не сакаше да соработува со истражителите во јануари годинава.

Русите требаше да ги предадат сите документи и податоци од својата Анти-допинг агенција, како услов за нивнот враќање на спортската сцена по претходната суспензија од три години поради државно финансираниот допинг-скандал. Сепак, истражителите откриле дека Русите сакале да ги компромитираат доказите со цел да не се дознае од каде потекнува допингот. 

ВАДА објави дека Русија има рок од 21 ден да се жали на суспензијата. Ако го направи тоа, случајот ќе премине во рацете на Судот за спортска арбитража во Лозана. 

Вкупно 168 спортисти од Русија се натпреваруваа под неутрално знаме на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг минатата година, откако земјата заработи суспензија по Олимписките игри во Сочи во 2014 година. 

Русија е суспендирана од сите атлетски натпреварувања уште од 2015 година, a интересно, земјата ќе може да се натпреварува на Европското првенство во фудбал идното лето, бидејќи Еуро не се смета за големо натпреварување. Русија е еден од ко-домаќините, односно градот Санкт Петербург.