На ЛОИ нема гледачи поради ковид-19, ама на стадион дошла – мечка

Поради актуелната пандемија со коронавирус и високиот број на заразени во Токио, Летните Олимписки игри кои почнаа денеска со мечеви во софтбол и фудбал (во петок е официјалното отворање на Игрите), спортските борилишта останаа затворени за навивачи, ама несекојдневна случка имаше во Фукушима – на стадион дојде мечка.

Во Фукушима на североистокот на Јапонија, на меч во софтбол (женска верзија на бејзбол) помеѓу домаќинот Јапонија против Австралија, околу стадионот се појавила азиска црна мечка.

Мечки во Јапонија често излегуваат од шумите, па надлежните служби се обидуваат да ги фатат низ градовите, а такво нешто се случило и сега, па портпаролот на градот изјавил дека мечката била забележана околу стадионот од чуварската служба, прво вчера наутро, па денеска во истиот период, неколку часа пред мечот.

„Чуварот ја видел мечката во рамки на спортскиот парк Азума. Ама после потрагата не успеавме да ја најдеме мечката, ниту да ја фатиме. Иако нема гледачи на стадионот, сепак сме на готовс и го пребаруваме подрачјето за да ја најдеме мечката“, рекол портпаролот.