Македонските спортисти дојдоа до првиот „трофеј“ на ЛОИ – селфи со Алкараз (ФОТО)

На еден ден пред официјалниот старт на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, македонските спортисти дојдоа до првиот „трофеј“, но не на спортските арени туку во олимпиското село.

Тоа го направи џудистот Еди Шерифовски, кој на социјалните мрежи се „пофали“ со селфи со актуелниот победник на Ролан Гарос и на Вимблдон, Карлос Алкараз. Во отсуство на Новак Ѓоковиќ, кој реши на овие Игри да биде сместен во хотел, шпанскиот тенисер дефинитивно е една од најголемите ѕвезди во олимпиското село, а со тоа е потенцијална мета на многумина заинтересирани за заедничка фотографија.

Шерифовски истовремено сподели и дел од работите кои секој учесник на ЛОИ ги добива, меѓу кои доминира и олимписката верзија на мобилниот телефон од компанијата Самсунг. Тој е еден од шесте македонски спортисти, кои ќе настапат во Париз меѓу кои се уште и пливачот Никола Ѓуретановиќ, атлетичарот Дарио Ивановски, борачот Владимир Егоров, таеквондистката Милијана Рељиќ и Анастасија Мојсовска, која ќе настапи во дисциплината спортско стрелаштво.