Критериумите по кои се делат парите се нејасни, несоодветни и со – ужасна градација!

Петта година по ред средината на февруари ја носи листата која со нетрпение се очекува во буквално сите федерации, клубови и индивидуални спортисти, а на која се истакнати сумите кои тие ќе ги добијат од државата во вид на спортски ваучер, кој потоа самите ќе треба да ги материјализираат во соработка со компаниите во државата.

Барањето кое го пополнуваат спортските колективи, кои се убедливо најбројни, е сочинето од осум категории кои посебно се бодуваат, за на крајот да се дојде до вкупниот збир, кој, пак, е пресуден за висината на ваучерот гледано процентуално според рејтингот на спортот во очите на Агенцијата за млади и спорт.

Ако се анализираат добиените бодови, произлегува дека скоро 90-отсто од клубовите функционираат како премиерлигаши, со канцеларии, администрација, спортски психолози... Барем така се изјасниле тие што ги пополниле, а биле аминувани од матичните федерации и од АМС.

А реалноста е дијаметрално спротивна, односно не повеќе од 10-15-отсто од нив имаат минимална организирана поставеност, канцеларија, вработено лице во администрација, а уште помала е бројката на тие што имаат интернет сајт, лице за односи со јавноста, луѓе кои им ги водат социјалните мрежи.

Вториот критериум е активни членови во спортскиот клуб регистрирани за настап во претходната сезона, нешто што клубовите од око си ги пополнуваат со цел да добијат што повеќе бодови (сите однапред ја знаат скалата). Федерациите потоа ги проверуваат овие податоци, каде што има грешка би требало да исправаат, но со оглед што никој јавно не ги објавува листите, јасно е дека е оставен простор за манипулација. Поделбата на бодовите исто така е проблематична бидејќи разликата помеѓу имање 250 членови и 130 члена е само пет бода.

Најголема небулоза е во третиот критериум, пласманот на екипата во сите возрасни категории. Челниците на АМС се можеби единствените во светот кај кои првото место во Прва лига и во Втора лига носи ист број бодови. И тука е проблем градацијата на бодовите, па пласманот од 1-3 место во две категории (една мора да биде сениори) носи 50 бодови, а пласманот од 1-4 место носи дури 15 бодови помалку.

Настапот на меѓународна сцена е посебна приказна како четврти критериум за бодување. Со оглед што формуларот е унифициран за сите спортови, не постои посебно одвојување на натпреварувањата според својата специфика. Па така и во бодувањето на клубовите постои можност за добивање бодови за настап на ЕП за сениори или младинци (?!), кои би требало да ги заменат европските натпреварувања без нивно подредување со оглед што ги има многу по квалитет. Нејаснотијата носи ситуација за изедначување на квалитетот на една АБА-лига и БИБЛ-лига во кошарка, кога во реалноста разликата помеѓу нив е како меѓу небото и земјата.

Петтиот критериум е пласманот на клубот во домашните и меѓународните натпреварувања, со тоа што второто место во АБА2 на МЗТ Скопје (исто би важело и да е и во далеку посилната АБА) вреди само пет бода повеќе во однос на третото место во Македонија.

Шестиот критериум е процентот на домашни спортисти, во кој речиси сите прволигаши имаат ист број бодови со оглед што имаат странци, а македонскиот кадар им е најмалку 75-отсто од целиот состав.

Седмиот критериум е застапеноста на телевизија, во која барем еден пренос на домашна национална или некоја регионална ТВ-куќа носи максимум бодови, но и ако сте оделе само на Јутјуб ќе добиете само пет бода помалку.

Последниот услов, кој исто така носи огромна небулоза е бројот на репрезентативци во сите категории. Вкупната бројка од пет ви носи максимум бодови, со услов двајца да бидат во сениорска конкуренција, додека ако имате четири со еден сениорски добивате скромни пет бода помалку. Тоа значи дека џабе има тимови со пет-шест членови на сениорската и со десетина во младинските селекции, кога таа бројка не им носи екстра бодови. Исто така, не постои никаква објаснување што значи репрезентативец, дали за тој епитет спортистот треба да се најде на поширокиот или потесниот список на селекторите или, пак, дури ако стапне на теренот ќе го добие тој статус.

Сето ова покажува дека најголемиот дел од критериумите зависат од човечки фактор и начинот на интрепетирање што секако, остава простор за манипулација со системот и повеќе или помалку пари во нечии џебови.