Коронавирусот направи таква штета на спортот, што загубите не може да се добројат!

Пандемијата со коронавирус која предизвика светска криза невидена уште од Втората светска војна не само што го запре нормалниот живот, туку веќе почна да предизвикува таква штета, од која загубите засега не може да се добројат. Посебно ова важи за спортот, откако три големи настани веќе се откажани, а се друго во спортот е во прекин со надеж за рестарт барем од почетокот на јуни.

Веќе првите пресметки само од фудбалот се дека загубата ќе биде скоро два македонски буџети, над седум милијарди евра, но веќе полека излегуваат бројки од кои буквално човек глава го боли ако сето тоа се собере.

УЕФА со одложувањето на Евро 2020 за гидинава од предвидените приходи ќе остане покус за скоро две милијарди евра, ќе има чисти трошоци за дел од организацијата од 300-400 милиони. Откажувањето на Копа Америка се брои во стотици милиони долари загуба со презакажувањето на турнирот на најдобрите јужноамерикански селекции.

Токио и Јапонија од одложувањето на ЛОИ и презакажувањето за следното лето сигурно е дека останува со загуба од 2,7 милијарди евра, а од инвестициите од 12 милијарди, на првичната загуба сега пресметките одат дотаму дека економијата севкупно од предвидениот краткорочен и среднорочен ефект поради Игрите ќе остане без речиди 10 милијарди евра.

Формула 1 со одложениот старт и откажувањето на низа трки веќе има штета од 107 милиони евра, а Мото ГП од 52 милиони евра, американската бејзбол МЛС-лига загубите ги проценува на 2,1 милијарда долари, додека НФЛ (американски фудбал) од 1,2 милијарди, додека хокеарската НХЛ речиси од милијарда. НБА-лигата, пак, од првите проценки губи 916 милиони долари.

Неизвесноста кога ќе се продолжи со спортот, а сето тоа зависи и од колку долго ќе трае кризата и кога ситуацијата ќе се смири и сезоните во најсилните лиги се доведени под знак прашалник, а првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин првпат призна дека ако до крајот на јуни не стартуваат – ќе се поништат. Во момент кога коронавирусот прави ршум во САД и во Европа, црните сценарија кој никој не ги посакува за лигите се чиста загуба над четири. Над една милијарда евра ќе има само Премиерлигата, Ла Лига би била со загуба од 850 до 900 милиони, германската Бундеслига од 750 милиони, италијанската Серија А од над 600 милиони, а француската Лига 1 од пола милијарда.

Сериозни загуби трпат веќе и спортските ѕвезди, па Леброн Џејмс за секој неодигран меч губи по 366 илјади долари, Роналдо веќе се откажа од плати за три месеци, Меси прифати 70 отсто намалување на платата, а овој двоец заедно заработува годишно – 80 милиони евра.