Ким Јонг Ун ја враќа Северна Кореја на спортската мапа

Северна Кореја ќе учествува на Олимписките игри во 2020 година (летни) и 2022 година (зимски), објави претседателот на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Томас Бах, откако имал состанок со контроверзниот вожд на оваа комунистичка земја Ким Јонг Ун во Пјонгјанг.

Бах објавил дека ИОК ќе предложи двете Кореи, Јужна и Северна, заеднички да учествуваат на свечените отворања на Игрите, за ЛОИ во Токио во 2020 и за ЗОИ во Пекинг во 2022 година.

„Ни рекоа дека сакаат да учествуваат на ЛОИ во Тoкио и на ЗОИ во Пекинг, како и на сите изданија на Олимписките игри за млади. Тој ангажман на корејскиот спорт ужива потполна поддршка од врховниот водач Ким Јонг Ун“, рекол Бах.

На последните Зимски Олимписки Игри во Пјонгчанг, кои се одржаа во минатиот месец, дојде до значително зближување на Јужна Кореја и изолираната Северна Кореја. Спортистите од двете земји заеднички излегоа на церемонијата на свеченото отворање, а во женска конкуренција во хокеј имаа заедничка екипа, составена од јужнокорејски и севернокорејски хокеарки.