Ивановски е спортист на годината во Скопје, награди и за легендарните Хаџиевски и Радиќ!

Македонскиот атлетичар, Дарио Ивановски, е добитник на наградата „13 Ноември“ за спортист на годината, признание кое го доделува Сојузот на спортови на Скопје по повод ослободувањето на градот.

Тој ја заслужи оваа награда за успесите во текот на изминатата година, меѓу кои и историскиот настап на Олимписките игри во Париз 2024, каде стана првиот македонски атлетичар кој завршил маратонска трка на ова натпреварување. Ивановски годинава продолжи да бележи лични рекорди и ја освои третата позиција на Скопскиот маратон, со што го зацврсти својот статус на еден од водечките македонски спортисти. За неговите постигнувања во голема мера заслужен е и неговиот тренер Игор Јакимовски, кој исто така доби признание на свеченоста.

Свеченото доделување на наградите „13 Ноември“ се одржа денеска во Спортскиот центар „Јане Сандански“, а беа доделени уште девет награди на спортисти, тренери и спортски работници кои постигнаа значителни резултати во 2024 година. Признанието „13 Ноември“ претставува особена чест за оние кои оставиле трајни траги во спортот и промоцијата на спортските вредности во Македонија.

Наградата за животно дело ја добија и истакнати спортски работници, меѓу кои ракометниот тренер Владимир Радиќ, фудбалската легенда Ѓоко Хаџиевски и атлетскиот тренер Ѓорѓи Чадиковски. Останатите добитници на наградата „13 Ноември” за 2024 година се Марјан Угриновски – Професор во Основното училиште „Јан Амос Коменски”, Мирјана Крстевска – Професор во СУГС „Димитар Влахов”, Филип Поповски – Фудбал, спортски работник и Влатко Неделковски – Декан на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, спортски работник. Сојузот на спортови на Скопје ги доделува овие награди од 1970 година, со цел да го одбележи придонесот на истакнатите личности во македонскиот спорт.