Грците пак врескаат: Сега им пречи сѐ македонско од ЛОИ и тоа што за Еуроспорт сме – Македонија!? (ФОТО)

Таман стивна врескањето од Грција за името на Фудбалската федерација на Македонија и кратенката ФФМ, зашто не била според преспанскиот договор од 2018 година, сега повторно врева се крева од кај јужниот сосед, овојпат после историскиот успех на Дејан Георгиевски и среброто од ЛОИ во Токио.

На Грците не им смета што Георгиевски освоил сребро, ама им смета името Македонија. И тоа зошто тренерот на излегувањето излегол со шал на кој пишува Македонија, зошто Македонскиот Олимписки комитет (МОК) сѐ уште го користи тој термин, како и развеаното знаме на Кутлеш од македонската олимписка делегација во Токио

„Скопје и понатаму си ги користи симболите, а Грција е само пасивна и не реагира, а после Евро 2020, сега имаме случаи на Олимписките игри, посебно после среброто на Дејан Георгиевски“, пишуваат грчки медиуми.

Реакцијата доаѓа зашто МОК на фејсбук-страницата е означена како Македонски олимписки комитет, а и зашто ги повикале граѓаните да дојдат да го поздрават новиот херој на плоштадот „Македонија“ (?!).

И тоа не е сѐ, им пречи и начинот како една од најпознатите светски телевизии „Еуроспорт“ го претставила Дејан Георгиевски – само од Македонија. Без додавка на новото име со преспанскиот договор.

Грција за време на Еуро 2020 и дебито на Македонија на големата сцена жестоко реагираше кај УЕФА, која „и залепи шлаканица со одговорот дека во сите документи централата го користи името кое е официјално, а кратенката МКД не може да биде политички проблем зашто е договорена меѓу двете земји“.

Засега нема реакција за прославата и дочекот на македонскиот херој од ЛОИ, зашто имаше десетици знамиња со сонцето од Кутлеш, ама нема да биде изненадување, овој притисок од Грција брзо да добие „втор дел“ со тие слики од пречекот на аеродромот, како и пред Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје.