Државата ќе вложи уште четири милиони евра во спортот, сега пари ќе има за - сите!

Дополнителни четири милиони евра за спортските федерации и клубови преку ваучер-системот се предвидени со најавените измени на Законот за ослободување од данокот за добивка, кои се очекува во првата половина од следниот месец да бидат усвоени во Собранието, дознава Спорт1.

Со ова, вкупната сума од која државата ќе се откаже во корист на македонскиот спорт ќе се искачи на 10 милиони евра, откако веќе беа поделени средствата од иницијално предвидените шест милиони евра. Новите средства ќе бидат распределени така што три милиони евра ќе бидат дадени на оние федерации и клубови кои веќе добија ваучер, а еден милион е наменет за клубовите од пониските рангови кои беа прескокнати со првата распределба.

Со ова ќе биде ставен крај на потенцијалните бојкоти на второлигашите во фудбал, кошаркар и ракомет, кои добија предлог да состават комисии од тројца членови кои дополнително ќе ги одредат критериумите како ќе биде распределена сумата од 60 милиони денари. Тие, пак, што веќе добија можност да ги искористат можностите од Законот за ослободување од данокот за добивка ќе добијат уште еден ваучер во половичен износ од тоа што го имаат на располагање.

Така на пример, актуелниот ракометен шампион Вардар од државата ќе добие уште 116.500 евра или вкупно 349.500 евра како помош од државата за 2019 година. ФК Работнички, пак, на досегашните 109.000 евра ќе добие нов ваучер со дополнителни 54.500 евра додека МЗТ Скопје на веќе добиената можност за користење 154.000 евра од Законот за ослободување од данокот за добивка ќе „инкасира“ дополнителни 77.000 евра. Ваквиот принцип ќе биде применет за сите спортски федерации и клубови кои веќе добија ваучер од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Сумата од 10 милиони евра беше предвидена дури за 2020 година, но проценката на државата е дека уште сега таа може да биде „уфрлена“ во македонскиот спорт, а останува да се види со промените најавено за следниот месец колкав ќе биде износот кој ќе биде доделен преку ваучери за следната година.