По воведната победа над Босна и Херцеговина (3-1), македонските одбојкари вечерва загубија од Турција исто така во четири сета (16-25, 25-18, 18-25, 12-25). Со ова не се загубени шансите во квалификациите за пласман на Европското првенство, но Македонија го направи првиот кикс и веќе нема право на грешки.

Не беше ништо трагично тоа што загубивме, бидејќи Турците се фаворити во оваа квалификациска група, но загрижи тоа што кога губевме, губевме со голема разлика и во слаби сетови. И првиот и третиот почнаа на сличен начин, со четири аса на турскиот играч, кој беше на сервис и тие почетни 0-4, како да го нарушија понатамошниот тек на нашата игра.

Сервиравме лошо, со многу сервис-грешки, потфрли приемот, како и генерално одбраната, единствено нападот покажуваше светли моменти, особено во вториот сет. Тој беше маестрален за избраниците на Никола Матијашевиќ, функционираа сите елементи во играта и можевме да го добиеме и со двоцифрена разлика, но поради мал пад во финишот му дозволивме 18 на противникот.

За жал, тој моментум и таа еуфорија одбојкарите не ги пренесоа во третиот сет, ги пресече одличниот старт со 4-0 и паднаа психички. Четвртиот сет беше најлош, со најмногу грешки, со најмлитава одбрана и затоа освоивме само 12 поени. Никола Ѓорѓиев со 16 поени беше најефикасен, Љафтов постигна 13, Милев девет.

Не е ништо загубено, затоа што ова е само прв пораз од четирите натпревари. Утре од 18 часот победа над БиХ е задолжителна, а пласман на ЕП ќе бараме в сабота во вториот дуел со Турците. Евро-виза ќе добијат сите победници и пет од второпласираните екипи во седумте групи.