Огромна чест: Македонија ќе биде еден од домаќините на ЕП 2023 во одбојка!

Македонската одбојкарска репрезентација сигурно ќе настапи и на Европското првенство (ЕП) во 2023 година, откако нашата земја ја доби честа да биде еден од организаторите на една од групите на овој собир на најдобрите селекции на Стариот континент.

Оваа вест на челниците на ОФМ, но и на премиерот Зоран Заев лично им ја соопшти првиот човек на европската одбојка, Александар Боричиќ и тоа на состанок одржан во македонската Влада.

„Сега, кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, изјави Боричиќ.

По двете победи на премиерниот настап на едно ЕП во 2019 година, како и пласманот на претстојното Европско првенство во септември годинава, доделената организација на една од групите на ЕП во 2023 ќе му овозможи на македонскиот национален состав повторно да биде во елитното друштво.

„Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица“, изјави македонскиот премиер Заев.

Добрата вест од ЦЕВ е предвесник на периодот предвиден за машката сениорска репрезентацијата којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот турнир од 21-23 мај, како и завршниот на 5 и на 6.јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал.

Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.