Милков: Фаворитите секогаш ги добиваме со тимска игра, така нека биде и овој пат!

За нешто помалку од 24 часа македонската одбојкарска репрезентација ќе ги стартува настапите на дебитансткото учество на Европското првенство.

Прв противник на „Спартанците“ е селекцијата на Финска, меч кој ќе се одигра утре во 17:30 часот. Полни со самодоверба нашите одбојкари ќе се обидат да дојдат и до бриот триумф со кој широко ќе ги отворат вратите за пласман во втората фаза.

Еден од поискусните македонски одбојкари, Александар Милков, откри дека подготовките се во завршна фаза за она што претстои утре, а воедно истакна дека дуелот против Финска е од исклучително значење за нашата селекција.

За ова се подготвувавме подолг период. Сега е нашиот најважен меч - со Финска. Сметам дека сме добро подготвени, одработивме неколку тренинзи, притоа успеавме да се одмориме. Сега почнуваме да ги гледаме видеата, да ја подготвуваме тактиката, во добра форма сме и сметам дека овој меч ни е најважен за добро отварање на првенството. Мотивацијата ни е на највисоко ниво. Секогаш кога играме против посилни селекции, со тимска игра знаеме да ги надмудриме и да ги добиеме, изјави Александар Милков.