Нурмагомедов: Имав епилептични напади пред борбата со Мекгрегор

Хабиб Нурмагомедов го совлада Конор Мекгрегор во УФЦ 229 во Лас Вегас минатиот викенд, а во интерјву за руска телевизија откри какви биле подготовките за борбата. 

Дагестанецот откри дека мака мачел да ја симне килажата на 70 килограми за да може да се бори против Мекгрегор и да ја брани титулата светски првак во лесна категорија. Морал своето тело да го турка до границите на нормалата, а за време на подготовките имал сериозни проблеми.

„Ноќта пред борбата спиев добро, но денот претходно воопшто не можев да заспијам. Морав да загубам килажа и ми беше навистина лошо. Имав еден вид епилептични напади и имав чувство дека сум многу болен. Ако загубев ова сигурно немаше да ви го кажувам, бидејќи ќе се сметаше за еден вид на изговор. Како и да е, по мерењето работите беа ок. Главната работа беше мојата психолошка подготовка за борбата“, рече Хабиб.