Емил Павлов: Македонија допрва ќе се радува на олимписки и светски медали!

Емил Павлов си отвори место во тесната македонска елита која некогаш носела европско или светско злато на своите гради. Ајде што е континенталната титула сама доволна за радост, дополнителна надеж дава фактот дека тој со 26 години ветува уште успеси.

Павлов го освои второто европско злато во својата кариера, деновиве во Нови Сад, а има уште едно од 2014 година, плус уште една бронза. Вели дека верувал во себе дека може, но патот бил многу тежок

„Патот до овој успех беше исклучително тежок, но јас бев свесен, верував во себе дека можам уште еднаш да се искачам на врвот на Европа. Заедно со мојот тренер, со КФМ уште на почетокот на 2018 имавме силни подготовки. Се почна на тренинг-капмоит во Париз, па следуваа голем број натпревари. Се закитив со медали и на светската карате Премиерлига во Дубаи. На тој турнир мојата самодоверба се качи највисоко и знаев дека можам да го освојам врвот на Европа“, беа првите впечатоци на Павлов, на денешната прес-конференција.

Призна дека имал голем притисок пред финалето, но сепак, најтешка му била првата борба на првенството.

„Во Нови Сад се чувствував одлично уживав едноставно, покажувајќи се што знам. Најтешка ми беше првата борба, бидејќи губев до последните секунди, успеав да израмнам и на крај победата ми ја доделија мене. Тоа ми даде дополнителна самодоверба, работите се нормализираа, влегов самоуверено во борбите кои следеа“, додава штипјанецот.

Фактот што ОИ 2020 се одржува во Токио, сигурно, помогна и каратето да добие олимписки статус, во вистински тајминг за Павлов. Уверен е дека може и понатаму да ја радува Македонија, меѓу другото, токму и во Токио.

„Се надевам дека оваа добра форма ќе ја покажам и во наредниот период. Моја главна цел оваа година е СП, тоа ќе биде главниот критериум за Олимписките игри во Токио. Сон на секој спортист е да се најде на ОИ, а еве и ние каратистите имаме шанса на оваа Олимпијада. Затоа се надевам дека во наредниов период сите ќе застанат зад мене и Агенцијата за млади и спорт и КФМ и МОК и заедно да очекуваме медал од СП, како и настап на ОИ во Токио. Не застануваме тука, Македонија допрва ќе се радува на медали од Светски првенства и од Олимписките игри во Токио“, заврши европскиот шампион.