Скандал на „Златен Гонг“: Македонски репрезентативец „леташе“ орли заедно со боксер од Косово! (ФОТО)

Македонските боксерски репрезентативци годинава го одбележаа традиционалниот боксерски турнир „Златен Гонг“, но не со некој позначаен резултат, туку со скандалозното однесување на првиот и вториот ден од оваа спортска манифестација. 

Така, по крајот на денешната финална борба во категорија до 64 килограми, во која славеше Диели Враноци од Косово, македонскиот репрезентативец Алим Насуфи му честиташе на противникот со тоа што му подаде рака за заедно да „летаат орли“.

А, при вчерашното свечено отворање на турнирот, при интонирањето на македонската химна, единствени што не станале да ја испочитуваат биле македонските репрезентативци од албанска националност. Сите присутни во салата што биле дојдени од другите земји се чуделе што е работата, но засега нема официјална реакција од организаторот дали ќе ги казни сторителите на овој чин.

Македонија на 48-иот „Златен Гонг“ учествуваше со осум боксери, кои беа водени од селекторот Чурлиновски и тренерите Владимир Цекиќ и Скендер Јахиу. Турнирот се одржа во Скопје, во малата сала во СЦ „Борис Трајковски”, а организатори беа Боксерската федерација на Македонија, под покровителство на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, а како ко-организатори се јавуваат Градоначалникот и Советот на град Скопје и Сојузот на Спортските федерации на Македонија.

Боите на Македонија на финалето од турнирот ги бранеа Џан Демиров (во категорија до 52 килограми), Јасин Лама (до 60 кг.), Денис Муаремовски и Агим Насуфи (до 64 кг.), Гоце Јанески и Љулзим Исмаили (до 69 кг.), Октај Фератов (до 75 кг.), и Арсим Етеми (до 81 кг.).

Колку за архива, Романецот Димитру Вицол го освои „Гонгот“, за најдобар македонски боксер беше прогласен нашиот Јасин Лама, а најборбен - Патриот Бехрами од Косово.  Бојо Асенов од Бугарија е најдобар техничар, а најдобар странски боксер е Дамјан Грмуша од Србија, од каде што и доаѓа најдобриот тренер - Томо Антељ, додека Љатиф Демоли од Косово беше прогласен за најдобар судија.