Откриено колку ќе заработат Пол и Тајсон – сумата е вртоглава за ваква „заебанција“!

Љубителите на боксот низ целиот свет со нетрпение го очекуваат дуелот помеѓу еден од најдобрите боксери на сите времиња, Мајк Тајсон и познатиот јутјубер Џејк Пол, кои ќе ги одмерат силите на 15 ноември на стадионот „AT&T“ во Тексас.

Тајсон и покрај тоа што има 58 години го прифати предизвикот од 30 години помладиот противник и реши повторно да се врати во рингот, а одговорот на прашањето зошто му е потребен овој натпревар е во износот од најмалку 20 милиони долари. Сумите кои ќе ги заработат и двајцата се огромни. Вкупната сума за мечот изнесува неверојатни 80 милиони долари, при што на Пол му се гарантирани 40 милиони, а истата сума може да ја заработи и Тајсон.

„Тука сум за да заработам 40 милиони долари и да ја нокаутирам легендата. Тој беше тој кој сакаше борбата да биде професионална. Ќе биде нокаутиран“, изјави Пол пред мечот, истакнувајќи дека влегува во борбата главно поради финансискиот поттик.

Тајсон, наводно, има загарантирани 20 милиони за учеството, а доколку победи, ќе заработи уште толку. Во случај на пораз, неговите 20 милиони ќе одат на организаторите и останатите учесници во оваа приредба. Сепак, Тајсон тврди дека неговото враќање во рингот не е мотивирано од парите.

„Ова го правам уште од тинејџерските денови. Возбудата носи нервоза и страв и тоа никогаш не исчезнува, без разлика колку години имате“, изјави Тајсон.

Со 50 победи, шест порази и две нерешени борби од вкупно 58 мечеви, Тајсон важи за еден од најдобрите боксери во историјата. Преносот на овој боксерски спектакл ќе биде обезбеден на популарната стриминг платформа „Нетфликс“.