Мејведер почна да ги тепа јутуберите уште пред борбата (ВИДЕО)

Флојд Мејведер, кој важи за еден од најголемите боксери на сите времиња со рекорд од 50 победи и ниту еден пораз, се согласи на егзибициска борба со „јутуберот“ Логан Пол. 

Мејведер е познат по тоа што сака добра заработка, па затоа и се согласи на пресметка со Логан Пол, кој досега само еднаш се има борено во рингот и тоа против уште еден „јутубер“, КСИ. Американските медиуми велат дека Мејведер може да заработи и повеќе од 50 милиони долари од оваа егзибициска борба, што треба да се одржи на 6 јуни на стадионот „Хард Рок“ во Мајами.

Синоќа борбата имаше промотивна прес-конференција, а очекувано настана општ хаос, откако Мејведер се соочи со братот на Логан, Џејк. Тој го провоцираше боксерот и му ја зема капата. Џејк се обиде да побегне во гужвата, но брзо беше фатен од обезбедувањето на Мејведер, па си доби неколку удари. Заврши со модро око.

Мејведер најави дека нема намера да тренира посебно за да го нокаутира „јутуберот“, туку само дека треба да остане во форма.