Им олесна на боксерите Јанески и Љама – негативни се на Ковид-19 (ФОТО)

Полека се ближи крајот на авантурата на македонските боксерски репрезентативци Гоце Јанески и Јасин Љама, откако денеска добија негативни резултати на тестот за коронавирусот, што значи дека в понеделник ќе може да го напуштат карантинот во кој се наоѓаат десетина дена.

Нивното патешествие почна кон средината на минатиот месец, кога заминаа за Лондон да настапат на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри во Токио. Тоа беше можеби последниот голем настап пред прогласувањето на глобалната пандемија, која целосно го замре спортот во светот. Турнирот траеше само два дена, па беше откажан поради фактот што најголем дел од земјите кои имаа свои претставници почнуваа да го затвораат границите.

Тоа го стори и Македонија и тоа пред Јанески и Љама да имаат можност да се вратат дома. Двајцата тоа го сторија пред десетина дена со хуманитарен лет, по што заминаа во задолжителен карантин, по чие напуштање в понеделник двајцата ќе мора да потпишат изјава дека ќе бидат во двенеделна самоизолација.

Македонските боксери иначе имаа лош настап на турнирот во Лондон, откако беа нокаутирани веќе во воведните мечеви во своите категории.